Светското снабдување со пченица е загрозено од нападите врз пристаништата во Црното Море

Светските увозници на пченица се подготвуваат за послаба понуда на важниот лебен плод откако нападите врз инфраструктурата за извоз на жито во Црното Море предизвикаа прекини во испораките и следствено ја загрозија безбедноста на снабдувањето со храна кај најголемите увозници, како што се Египет и Индонезија, и предизвикаа зголемување на цените.

Цените на пченицата во бенчмарк фјучерс договорите на Чикашката берза се зголемија за повеќе од 17 проценти од почетокот на јули, првенствено поради намалувањето на пратките од Црното Море. Пченицата, исто така, значително се зголеми во цената во конкурентските земји извозници – Аргентина, Австралија и САД.

Меѓусебните напади на руските и украинските сили врз пристаништата и бродовите во последните недели предизвикаа затворање на терминалите за извоз на жито и ги принудија шпедитерите да го одложат или откажат товарењето на десетици пратки за време на врвната извозна сезона.

– Испораките требаше да почнат да пристигнуваат од средината на август, но многу бродови не можеа да дојдат на товарење – изјави за Ројтерс неименуван сингапурски трговец кој продава црноморска пченица на мелничари во Азија, додавајќи дека купувачите размислуваат да заменат дел од тие испораки со пченица од други земји производители, како што се Австралија, Северна Америка и Аргентина.

Повеќето од големите увозници на пченица се изложени на ризик, бидејќи голем дел од своите набавки ги покриваат во втората половина од годината со испораки од регионот на Црното Море, откако родот од новата жетва ќе почне да пристигнува на пазарите во јули.

Загриженост во Азија

Во Азија, преработувачите на жито нарачале околу 2,0 до 2,5 милиони тони пченица од регионот на Црното Море за испорака помеѓу јули и август, покривајќи приближно 30 до 50 проценти од побарувачката за увоз, но сега се зголемуваат стравувањата дека неколку пратки можеби нема да пристигнат на време, изјавија за Ројтерс двајца трговци во Сингапур под услов да останат анонимни бидејќи не биле овластени да зборуваат со медиумите.

– До крајот на август, пазарот ќе мора да најде решенија – изјави за Ројтерс Максенс Девилерс, аналитичар за жито од консултантската компанија Аргус Медиа. Досега, подобрите жетви во делови од Блискиот Исток и Северна Африка го ублажија директното влијание на недостатокот на испораки од регионот на Црното Море. Египетската влада на тој начин набави рекордни количини домашна пченица, додека пообилните врнежи од дожд доведоа до подобри прогнози за жетвите во Мароко и Тунис.

Во првата половина од 2026 година, Египет, најголемиот светски увозник на пченица, покриел над 82 проценти од увозот на тоа жито со пченица од Русија и Украина. Компаниите од египетскиот приватен сектор сега го чувствуваат најголемото влијание од прекините во испораките од Црното Море, според трговците, бидејќи повеќе од половина од нивната потрошувачка на пченица е покриена со увоз и тие работат со помали залихи.

Второто место на рангирањето на најголемите светски увозници на пченица го зазема Индонезија, која склучи договори со руски и украински извозници за испорака на 600.000 тони пченица во периодот од јули до септември, изјавија трговците за Ројтерс. Според неименуван функционер на Индонезиското здружение на мелничари, моменталните залихи во земјата можат да ја покријат моменталната побарувачка за пченица за храна.

– Сепак, немаме големи залихи или вишок залихи. Мораме да се свртиме кон други добавувачи, како што се Бугарија, Австралија, Романија и Аргентина, за да ги надоместиме испораките што не беа испратени од Русија и Украина – истакна индонезискиот функционер.