УС Опен нуди најголем награден фонд во историјата на Гренд слем турнирите

Отвореното првенство на САД ќе има најголем награден фонд во историјата на Гренд слем турнирите, вкупно 108 милиони долари, што е зголемување од 20 проценти во однос на минатата година.

Победниците во поединечното натпреварување ќе добијат по 5,5 милиони долари, 10 проценти повеќе од минатата година.

Тенисерите кои ќе изгубат во првото коло ќе заработат 140.000 долари, што е зголемување од 30.000 долари, или 27 проценти.

Наградниот фонд вклучува и два милиони долари за фондот за благосостојба на играчите, што водечките тенисери го побараа од сите Гренд слем турнири.

Раководството на четирите Гренд слем турнири, исто така, заеднички го објави основањето на Советот на играчи на Гренд слем. Тоа беше уште едно клучно барање од играчите, од кои некои на Ролан Гарос и Вимблдон ги ограничија своите медиумски настапи на 15 минути за да го истакнат своето незадоволство.

Нивното второ главно барање, пишува Би-Би-Си, е секој Гренд слем турнир да издвојува 16 проценти од своите приходи за наградниот фонд, а овој удел да се зголеми на 22 проценти до 2030 година.

Отвореното првенство на САД можеби стана првиот Гренд слем што ја достигна таа цел, но Американската тениска асоцијација сè уште не го објавила својот финансиски извештај за минатата година.

Поголеми награди ги очекуваат учесниците на натпреварот во мешани парови, кој се одржува за време на квалификациската недела. Победниците сепак ќе поделат 1 милион долари, но другите учесници ќе добијат повеќе, при што наградата за исфрлање во првото коло е удвоена.