Се тестира нова трговска рута: Јужнокорејски брод тргна кон Европа преку Арктикот

Јужнокорејски контејнерски брод отплови кон Европа преку Арктикот во саботата навечер за да тестира дали рутата е комерцијално одржлива.

Јужна Кореја сега е една од земјите, заедно со Русија и Кина, кои се заинтересирани за алтернативна бродска рута помеѓу Азија и стариот континент. Рутата низ Арктикот е значително пократка од онаа низ Индискиот Океан.

„ПанСтар Акро“ отплови од јужнокорејскиот пристанишен град Бусан во саботата навечер и се очекува да влезе во Северната морска рута околу 30 август и да ги премине арктичките води околу 7 септември, соопшти Министерството за океани и рибарство во Сеул. Се очекува бродот, кој превезува хемиски производи и половни автомобили, да застане во пристаништето Феликстоу во Обединетото Кралство, Ротердам во Холандија и Гдањск во Полска, меѓу другите.

Се очекува патувањето, вклучувајќи го и враќањето во Бусан, да трае околу 45 дена, што би било значително побрзо од традиционалната рута до Европа преку Индискиот Океан, Црвеното Море и Суецкиот Канал, објави германската новинска агенција ДПА. Со ова пробно патување, јужнокорејската влада сака да утврди дали Североисточниот премин може да се користи за комерцијален превоз. Меѓу другото, ќе се собираат податоци за времетраењето на пловидбата, потрошувачката на гориво и оперативните трошоци.

Сеул се стреми да го воспостави Арктичкиот премин како нова долгорочна трговска рута и да го развие Бусан во меѓународен логистички центар. Глобалното барање алтернативни трговски патишта дополнително се интензивираше по почетокот на војната на САД против Иран и значителните ограничувања за навигација низ Ормутскиот теснец, кој останува во голема мера затворен.

Во меѓувреме, еколошките групи предупредуваат дека зголемената употреба на Арктичката рута може да го забрза топењето на поларниот мраз и да ги уништи кревките екосистеми.