Голем протест во Фолксваген против најавените отпуштања

Повеќе од 10.000 вработени во „Фолксваген“ се собраа во седиштето на компанијата во Волфсбург во вторник, а некои го исвиркаа извршниот директор Оливер Блумe додека тој повикуваше на единство меѓу вработените во спроведувањето на планот за реструктуирање што може да доведе до елиминација на до 50.000 работни места, соопштија извори од собирот.

Блумe се појави пред работниците во седиштето на компанијата за прв пат откако беа објавени плановите за евентуално намалување на работните места и затворање на фабриките. Тој им рече дека „сите мора да се обединат“, додека претставниците на работниците предупредија дека довербата во менаџментот е нарушена.

Планот речиси би го удвоил обемот на тековната програма за реструктуирање, но сè уште не добил одобрение од Надзорниот одбор, во кој претставниците на работниците и федералната покраина Долна Саксонија имаат значително влијание.

Работниците, пишува Хина, се собраа со транспаренти и пораки, а сè можеше да се следи преку пренос во живо поставен пред преполниот простор. Средбата не беше отворена за новинари.

„Нашиот план за иднината е најголемата промена во историјата на нашата компанија и за да ја постигнеме, сите мора да се обединиме сега“, рече Блуме во Волфсбург, првата станица на неговата турнеја низ фабриките на компанијата оваа недела.

Според еден од изворите, неговиот говор бил дочекан со исвиркувања. На транспарентите можеа да се видат пораки како „Нашите работни места не се бројки што треба да се намалат заради заштеди“ и „Почитта не е предмет на преговори“.

Фолксваген се соочува со агресивна кинеска конкуренција која сè повеќе продира на европскиот пазар, паѓа профитот во Кина и милијарди долари трошоци поради американските царини, додека неговите проблеми се и ослабениот бизнис и вишокот производствен капацитет во Европа.

Блуме им кажа на вработените дека бројката од 50.000 можни отпуштања се базира на теоретска проценка потребна за да се усогласат трошоците на „Фолксваген“ со конкуренцијата. Тој исто така нагласи дека одлуката за затворање на фабриките сè уште не е донесена и дека тоа би била „последната и најскапа опција“.

Како можни начини за намалување на вишокот капацитет во германските фабрики, тој претходно го спомена производството за одбранбениот сектор или моделите на „Фолксваген“ наменети за кинескиот пазар, кои моментално не се продаваат во Европа.

Управата досега не постигнала никаков напредок во врска со тие предлози, а производството на автомобили во фабриката во Оснабрик би можело да заврши веќе следната година. За уште четири фабрики, во Емден, Цвикау, Некарсулм и Хановер, моментално нема јасен план за продолжување на производството по 2030 година.