
Потрошувачите во еврозоната очекуваат мало ублажување на инфлацијата и пониски каматни стапки на станбените кредити, но во исто време ги намалија своите очекувања кога станува збор за раст на сопствениот приход, според најновите резултати од анкетата на Европската централна банка (ЕЦБ).
Медијалната очекувана стапка на инфлација за следните 12 месеци е намалена на 2,9 проценти во јули, од три проценти во јуни. Во исто време, очекувањата за инфлација за тригодишниот период се намалија од 2,8 на 2,7 проценти.
Долгорочните очекувања останаа стабилни, па потрошувачите проценуваат дека инфлацијата ќе изнесува 2,4 проценти за пет години.
Иако граѓаните очекуваат малку послаби ценовни притисоци, тие се помалку оптимисти кога станува збор за приходите. Очекуваниот раст на номиналните приходи во следните 12 месеци е намален од 1,1 на еден процент.
Од друга страна, очекувањата за раст на потрошувачката останаа значително повисоки. Граѓаните очекуваат дека нивната номинална потрошувачка ќе се зголеми за 3,6 проценти во наредната година, како што очекуваа еден месец претходно.
Интересни сигнали доаѓаат и од пазарот на станбени кредити. Потрошувачите очекуваат каматните стапки на хипотекарните кредити да изнесуваат 4,9 проценти за годината, што е мал пад од петте проценти што ги предвидоа во јуни.
Сепак, разликите меѓу домаќинствата се значајни. Граѓаните со пониски приходи очекуваат просечна каматна стапка од 5,7 проценти, додека оние со повисоки приходи очекуваат значително пониска стапка од 4,4 проценти.
Во исто време, очекувањата за раст на цените на недвижностите не се променети. Потрошувачите проценуваат дека вредноста на нивните домови ќе се зголеми за 3,4 проценти во текот на следните 12 месеци.
Податоците од ЕЦБ, исто така, покажуваат зголемен интерес за задолжување. Уделот на потрошувачите кои аплицирале за кредит во текот на претходните три месеци се зголемил од 13,4 проценти во април на 14,3 проценти во јули.
Кога станува збор за пошироката економија, расположението е малку подобрено, но граѓаните сè уште очекуваат пад на економската активност. Очекуваната стапка на економски раст за следните 12 месеци се подобрила од минус 1,4 на минус 1,2 проценти.
Очекуваната стапка на невработеност останала непроменета на 11,2 проценти. Во исто време, вработените проценуваат дека веројатноста за губење на работата во следните три месеци се зголемила на 9,8 проценти, од 8,8 проценти во април.
ЕЦБ спроведува анкета за очекувањата на потрошувачите секој месец, а најновите резултати опфаќаат околу 19.000 возрасни граѓани од 11 земји од еврозоната.











