
Во првите седум месеци во Црна Гора се регистрирани 1,62 милиони туристи, што е за 7,78 проценти повеќе од минатата година, објави Министерството за туризам (МТ).
Министерството објави дека најновите податоци на Монстат потврдуваат рекордна туристичка сезона во Црна Гора и континуиран силен раст на туристичкиот сообраќај.
„Силниот раст го потврдуваат податоците за првите седум месеци, во кои во Црна Гора се регистрирани 1,62 милиони туристи, односно 7,78 проценти повеќе, додека се остварени 8,86 милиони ноќевања, што претставува раст од 7,98 проценти“, се наведува во соопштението.
Во текот на јули, додаде, се остварени 623,1 илјади туристички пристигнувања, што е за 11,26 проценти повеќе во однос на јули минатата година, како и 3,72 милиони ноќевања, или дури 10,13 проценти повеќе.
„Растот на бројот на странски гости е особено значаен. Во јули се регистрирани 600,85 илјади пристигнувања на странски туристи, што е зголемување од 11,94 проценти, додека тие оствариле 3,61 милиони ноќевања, односно 10,59 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година“, се наведува во соопштението.











