Комерцијалните летови во ЕУ забележаа раст од 3,8 проценти во 2025 година

Во Европската Унија се регистрирани 6,9 милиони комерцијални летови, што претставува зголемување од 3,8 проценти во 2025 година во споредба со 2024 година (6,7 милиони). Бројот на летови постојано се зголемува од 2021 година и до 2025 година се врати на ниво слично на она од периодот пред пандемијата, кога во 2019 година беа регистрирани 7,0 милиони летови.

Вонредните комерцијални летови (чартер летови и други специјални летови) учествуваа со 8,5 проценти од сите летови во 2025 година. Летните месеци – јуни (вкупно 648.707 летови), јули (690.855) и август (693.046) – регистрираа најголем број нередовни летови (11,2 проценти, 12,3 и 11,4 проценти, соодветно), објави Европската канцеларија за статистика.

Најголем број комерцијални летови (редовни и нередовни) во 2025 година е забележан на аеродромот Амстердам-Шипхол во Холандија, со 488.000 летови. По него следат аеродромите Париз-Шарл де Гол (476.000) во Франција и Франкфурт на Мајна (457.000) во Германија.

Меѓу десетте аеродроми со најголем број комерцијални летови, најголем удел на нередовни летови е забележан на Атина-Елефтериос Венизелос (5,2 проценти) во Грција, Адолфо Суарез Мадрид-Барахас (4,8) во Шпанија и Копенхаген-Каструп (4,1 процент) во Данска.