
„Јаху Фајнанс“ ја издвои Црна Гора како една од седумте земји каде што странските купувачи можат да најдат и купат недвижности покрај море по изненадувачки прифатливи цени, во споредба со Шпанија, Франција или САД.
Во делот од текстот посветен на Црна Гора, се издвојуваат областите Бока Которска и Будва, како и фактот дека странците можат да купат повеќето видови недвижности под претежно исти услови како и домашните купувачи.
Статијата ја поврзува инвестициската привлечност на црногорскиот пазар со кандидатурата за Европската Унија (ЕУ), со оценка дека некои купувачи сметаат на иден раст на вредностите на недвижностите како што земјата се приближува кон членство.
„Градовите покрај Которскиот Залив, како и областите околу Будва и Херцег Нови, станаа популарни меѓу странските пензионери и луѓето кои работат од далечина, кои бараат помирен начин на живот, без да се откажат од животот на брегот. Црна Гора им дозволува на странците да купуваат повеќето видови недвижности под претежно исти услови како и домашните купувачи, што придонесе пазарот да остане отворен и релативно едноставен за странските државјани“, се вели во текстот.
Авторот додава дека помалите и потивките црногорски крајбрежни градови нудат некои од попристапните опции за купување недвижности покрај морето во поширокиот јадрански регион. Тој исто така наведува дека зголемувањето на вредноста на недвижностите е очекувано како што Црна Гора напредува кон европската интеграција, бидејќи овој тренд е забележан претходно кај балканските и балтичките држави кои се приклучија на ЕУ.
Освен Црна Гора, на листата на земји се наоѓаат Албанија, Бугарија, Турција, Египет, Мексико и Панама.
Се нагласува дека поседувањето недвижности покрај морето порано беше луксуз резервиран исклучиво за богатите, но дека овие пазари им нудат на странските купувачи можност да купат стан или вила на брегот за дел од цената во споредба со водечките светски пазари.











