
Можноста „Сеат“ да исчезне како автомобилска марка предизвика загриженост кај бизнис лидерите, политичарите, синдикатите и другите економски и социјални актери во Каталонија и Шпанија, објавува весникот Паис.
Како што е наведено, за тоа почна да се дискутира во четврток по објавувањето на мерките за реструктуирање предложени од „Фолксваген Груп“ со цел надминување на кризата.
Како што наведува шпанскиот весник, со години се очекуваше дека „купра“, нов бренд што самиот „сеат“ го лансираше во 2018 година за да ја привлече помладата популација, со текот на времето ќе го засени тој историски бренд, кој ја слави својата 76-годишнина.
Преговорите за конечните мерки на германската групација ќе бидат придружени со голема неизвесност, како поради евентуалното прекинување на производството на возила од марката SEAT, така и поради потенцијалните последици за фабриката во Марторелло.
Оваа фабрика е центар на каталонската автомобилска индустрија и најголемиот индустриски работодавач во Каталонија, со повеќе од 15.000 директни работни места.
Информации за евентуалното исчезнување на брендот SEAT се појавија во четврток во германските медиуми, кои се повикуваа на документи подготвени за состанок на Надзорниот одбор на групацијата Volkswagen.
На состанокот требаше да се донесе одлука за планот за реструктуирање поради падот на профитабилноста и сè посилната конкуренција од кинеските производители.
Состанокот, сепак, беше одложен за четврток попладне, а неговиот исход не донесе јасен одговор за судбината на шпанскиот бренд.
Групацијата одобри реструктуирање кое ќе вклучува 50.000 работни места до 2030 година, покрај истиот број отпуштања одобрени во 2024 година. Исто така, беше предложено да се затворат четири фабрики во Германија.
Фолксваген не даде експлицитна изјава за иднината на SEAT. Сепак, признанието дека постои вишок производствен капацитет од приближно 500.000 возила укажува на потребата компанијата да се фокусира на најатрактивните модели.
Исто така, се планира намалување на асортиманот на производи за 50 проценти, а предност се дава на моделите што се издвојуваат по дизајнот, технологијата и пониските трошоци за производство.
Германскиот концерн беше малку поконкретен во својата последователна изјава. Иако конечната одлука сè уште не е донесена, постои отворена можност инвестициите во брендот SEAT да бидат суспендирани од 2030 година.
Затоа, затворањето на брендот не е официјално потврдено, но планот на групацијата Фолксваген, која е во сопственост на шпанскиот производител од 1986 година, го става SEAT во многу неизвесна позиција, оценува „Паис“.
Каталонските политичари изјавија дека овој бренд сè уште има иднина. Претседателот на каталонската влада, Салвадор Иља, вети дека ќе направи сè што е во негова моќ за да ја спаси индустријата и работните места.
Иља потврди дека веќе контактирал со менаџментот на групацијата Фолксваген и SEAT.
Каталонскиот министер за бизнис Микел Сампер го поддржа тој став, нагласувајќи дека SEAT е „многу повеќе од бренд“ и дека претставува важен дел од економската историја на Каталонија.
Политичките партии исто така, ја нагласија потребата од спасување на SEAT. Нивните претставници веруваат дека успехот на Cupra не смее да го означи крајот на историскиот бренд.
Шпанскиот министер за индустрија, Жорди Хереу, изрази верување дека SEAT може да остане поврзан со идните индустриски проекти.
Политичките пораки засега зрачат со оптимизам и верување дека ситуацијата може да се сврти и дека сè уште може да се најде соодветно решение.
Каталонската бизнис заедница во моментов избегнува да донесува конечни заклучоци за евентуалниот пропаст на брендот, бидејќи сè уште постои можност SEAT да продолжи да работи.
Сепак, бизнис лидерите се загрижени за поширокиот процес на деиндустријализација во Каталонија. Од економската криза во 2008 година, брендови како Nissan, Pirelli, Derby и Yamaha се затворија или ја напуштија областа, според шпанскиот весник.
Бизнис здруженијата веруваат дека ваквите отстапувања се последица на недостатокот на центри за донесување деловни одлуки во самата Каталонија. Кога ќе се појави криза, компаниите се посклони да затворат фабрики лоцирани далеку од нивното седиште.











