Високи кирии и скапотија: Ограничените ресурси ги изнесоа граѓаните на Мајорка на протест

Шпанскиот остров Мајорка е една од омилените опции за туристите кога станува збор за летен одмор. Особено е интересен за младите, поради ноќниот живот, но наскоро тоа може да се промени.

На улиците на Палма, претходните денови беа организирани протести против прекумерниот туризам. Граѓаните и еколошките здруженија побараа од властите мерки за намалување на бројот на туристи и подобрување на квалитетот на живот на жителите.

„Не ни требаат повеќе студии, предлози и приказни. Властите имаат многу моќни алатки за решавање на овој сериозен проблем“, рече потпретседателката на еколошката организација GOB, Тонина Сикир, обраќајќи се пред медиумите на тој остров во Средоземното Море и додаде:

„Веќе не можеме да толерираме прекумерен туризам“.

На Мајорка, остров со околу 970.000 жители, во првите шест месеци од оваа година беа регистрирани речиси 1,87 милиони туристички пристигнувања.

Пред еден месец, илјадници луѓе протестираа во главниот град на Балеарските Острови, барајќи намалување на бројот на туристи на островот. Во тоа време, полицијата процени дека околу 25.000 луѓе учествувале во протестот, додека организаторите зборуваа за 70.000 учесници.

Жителите се огорчени
Жителите на овој остров најмногу се вознемирени од толпите, но и од скокот на цените, што го сметаат за „скандалозно“.

„Мајорка повеќе не е Мајорка каква што ја знаевме. Сите ја проституиравме и им дозволивме да ја експлоатираат нашата земја за да можат неколку од нив претерано да се збогатат“, рече еден од учесниците на протестот и додаде:

„Нема прифатливо домување, нашите деца немаат иднина тука, а природните ресурси се ограничени и претерано потрошени.“

Демонстрантите, исто така, предупредија за случаи на семејства кои, поради неможноста да платат кредити или кирија, се преселуваат во приколки.