Крај на флексибилноста во ЕУ: Следи ли нов хаос по аеродромите со EES системот?

Патниците што влегуваат во Европската Унија повторно би можеле да бидат загрозени од подолги редици на границите, бидејќи на 6 септември истече периодот во кој земјите-членки можеа пофлексибилно да го применуваат новиот систем за влез и излез од ЕУ, познат како EES. Сепак, постојат индикации дека одредени земји нема доследно да спроведуваат биометриски проверки во иднина со цел да избегнат создавање големи толпи.

Проблемот е особено изразен на најпрометните европски аеродроми. На почетокот на летото, некои земји веќе имаа огромни редици поради воведувањето на EES, а некои патници ги пропуштија своите авиони поради чекањето. Авиокомпаниите веруваат дека поголем хаос за време на главната туристичка сезона е избегнат токму затоа што граничните служби ја олесниле примената на правилата што бараат земање отпечатоци од прсти и други биометриски податоци од патниците од земји надвор од ЕУ, објавува Гардијан.

Иако Брисел не ја продолжи можноста за привремено прекинување на проверките, патниците од Велика Британија што патуваат преку Ла Манш кон Франција засега веројатно нема да забележат голема промена. Франција има технички проблеми со софтверот потребен за EES, поради што системот сè уште не е подготвен за целосна имплементација. Затоа, регистрацијата на патниците ќе продолжи да се врши рачно на одредени премини.

Ова важи и за сообраќајот меѓу Велика Британија и Франција. Скапоцените биометриски кабини инсталирани од Евротунел, пристаништето Довер и Евростар на станицата Сент Панкрас сè уште не се во функција. Довер не очекува никакви промени во наредниот период, вклучително и воведување на EES проверки за возачите на автомобили, додека Eurotunnel и Eurostar чекаат конечно одобрение од француските власти. Eurostar објави дека регистрацијата на патниците засега ќе продолжи да се врши рачно, преку граничните службеници.

Сепак, воздухопловната индустрија очекува дека другите големи европски дестинации нема веднаш да преминат на строга имплементација на сите EES процедури. Според извори од индустријата, во некои од најпосетуваните земји, особено Грција, британските патници биле практично ослободени од одредени проверки за да се спречат редици. Се очекува таквата неформална практика да продолжи, иако формалните правила остануваат на сила.

Здруженијата на туристичката индустрија затоа продолжуваат да бараат од Европската комисија да дозволи привремено прекинување на контролите кога тие предизвикуваат големи проблеми. Британската ABTA верува дека EES сè уште не е доволно стабилна и унифицирано применета во сите земји, додека Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) предупреди дека доцнењата веќе доведоа до пропуштени летови и конекции. IATA проценува дека последиците ги сносат и патниците и авиокомпаниите, кои имаат големи дополнителни трошоци поради доцнењата.

Европската комисија сè уште не објави продолжување на периодот на флексибилност, но вели дека соработува со земјите кои сè уште имаат проблеми на одредени гранични премини и дека е подготвена да им обезбеди дополнителна помош,  пренесува Бизнис.рс.

Суштината на проблемот е што EES формално преминува во построга фаза на имплементација, додека техничката инфраструктура и начинот на работа сè уште не се доволно униформни. Затоа, патниците би можеле да се соочат со многу различни искуства во наредните месеци во зависност од тоа преку која земја влегуваат во ЕУ.