
Општиот суд на ЕУ застана на страната на Европската комисија откако таа ја спречи онлајн платформата Booking да ја преземе шведската платформа eTraveli во 2023 година.
Според судот, Комисијата правилно утврдила дека преземањето на шведската платформа ќе ја зајакне веќе доминантната позиција на Booking на пазарот на онлајн туристички агенции.
Во септември 2023 година, Европската комисија ја спречи онлајн платформата за резервации на сместување Booking да ја преземе шведската платформа eTraveli, водечкиот европски давател на услуги за онлајн резервации на летови. Со тоа, Booking дополнително ќе ја зајакне својата доминантна позиција на пазарот на онлајн агенции кои овозможуваат хотелски резервации.
Букинг ја оспори одлуката на Брисел пред Општиот суд на ЕУ. Тие, меѓу другото, тврдеа дека Комисијата отстапила од своите упатства за нехоризонтални спојувања и дека не успеала да докаже постоење на значителна пречка за ефективна конкуренција, според денешното соопштение на судот.
Општиот суд ги отфрли аргументите на Букинг, објавува Seebiz.
„Во врска со наводното отстапување на Комисијата од сопствените упатства за нехоризонтални спојувања, Општиот суд на ЕУ смета дека тие не ја спречуваат Комисијата да ги земе предвид новите форми на загрижености за конкуренцијата, како што се оние што можат да се појават на дигиталните пазари“, се вели во соопштението.
Судот, исто така, утврди дека доказите доставени од Комисијата го поддржуваат заклучокот дека доминантната позиција на Booking на пазарот на онлајн туристички агенции во хотелскиот сектор би била дополнително зајакната во случај на аквизиција, додаде тој.
Booking сега има два месеци да поднесе жалба против одлуката на Општиот суд до Судот на правдата на ЕУ.











