
Пловноста низ Ормутскиот теснец сè уште не е воспоставена на ниво што би им одговарало на Иран, САД и остатокот од светот што зависи од нафтата од Персискиот Залив.
Прекините во сообраќајот преку оваа клучна поморска рута веќе влијаат на светската трговија и особено би можеле да ги погодат малите и средните претпријатија, кои потешко ги поднесуваат растечките трошоци за енергија, транспорт и осигурување. Како што предупреди Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД), долгорочните проблеми во Ормутскиот теснец би можеле сериозно да ги загрозат малите и средните претпријатија и да ги исфрлат од глобалните синџири на снабдување. Ова, предупредува УНКТАД, би можело дополнително да ја зајакне позицијата на големите компании и да ја намали отпорноста на меѓународната трговија.
Прекините во поморскиот сообраќај ги зголемија трошоците за енергија, транспорт и осигурување, но исто така го отежнаа пристапот до финансирање. Малите и средните претпријатија имаат помалку можности да се прилагодат на ваквите услови отколку големите компании, кои полесно наоѓаат нови добавувачи, пазари и извори на финансирање.
Според податоците на УНКТАД, малите и средните претпријатија сочинуваат околу 90 проценти од компаниите ширум светот, вработуваат околу 70 проценти од работната сила и генерираат приближно половина од светскиот БДП.
Ормутскиот теснец веќе ги зголемува трошоците
Проблемите во транзитот низ Ормутскиот теснец веќе се одразуваат во повисоки цени на нафтата, намален поморски сообраќај и поскапо финансирање. Сето ова става дополнителен товар врз работењето на помалите компании, кои веќе се соочуваат со повисоки трошоци за енергија и увоз во споредба со големите деловни системи. УНКТАД предупредува дека последиците од значително намалениот сообраќај низ Ормутскиот теснец би можеле да бидат многу пошироки од самиот транспорт.
– Најголемиот проблем е што прекините во трговијата би можеле да ги принудат помалите компании да ги намалат операциите или да ги напуштат одредени пазари, дури и ако глобалната трговија наскоро почне да се опоравува – изјави портпаролот на УНКТАД, Марсело Риси.
Ризикот од зајакнување на големите компании
Истерувањето на малите и средни претпријатија од глобалните синџири на снабдување може да доведе до поголема невработеност, пониски приходи на домаќинствата и зголемена социјална ранливост.
УНКТАД предупредува дека отпорноста на светската трговија зависи и од учеството на малите и средните претпријатија во синџирите на создавање вредност. Во спротивно, евентуалното закрепнување на глобалната трговија би можело да прикрие подлабок проблем – зголемената концентрација на бизнисот во рацете на големите компании. Затоа, прекините во една од најважните светски бродски рути не се проблем само за пазарот на нафта и транспортот, туку можат да имаат долгорочни последици за конкуренцијата, вработувањето и глобалните синџири на снабдување.











