
Американската компанија OpenAI размислува за забавување на развојот на најсовремената вештачка интелигенција (ВИ), а извршниот директор на таа компанија, Сем Алтман, изјави дека се надева дека и другите компании во оваа област ќе го сторат истото, соопштија денес извори запознаени со ситуацијата.
Во последните недели, вработените во водечките компании за вештачка интелигенција јавно изразија загриженост за зголемените ризици што ги претставуваат напредните системи за вештачка интелигенција, поттикнувајќи загриженост во самите компании, објави Танјуг.
И OpenAI и неговиот конкурент, Anthropic PBC, поднесоа доверливи документи за IPO претходно оваа година.
OpenAI одби да коментира за обвинувањата.
Компанијата OpenAI објави дека неодамна забавиле одредени фази од развојот на моделите и суспендирале одредени внатрешни процеси на обука на системот за вештачка интелигенција поради безбедносни проблеми.
Во јули, Алтман, исто така, рече дека разговарал со претставници на Белата куќа за „потребата“ од забавување на темпото на развој на вештачката интелигенција.
Истражувачот на вештачка интелигенција, Џејкоб Коксон, откако ја напушти работата, ги обвини своите поранешни работодавци – компаниите Anthropic и OpenAI, дека „коцкаат“ човечки животи во трката за создавање суперинтелигентна вештачка интелигенција.
Коксон во објава на социјалните мрежи изјави дека луѓето што развиваат вештачка интелигенција веруваат дека таа би можела „да нè убие сите до крајот на деценијата“.
Неговите коментари станаа вирални, привлекувајќи повеќе од 150 милиони прегледи, како и вниманието на истакнати американски конгресмени и јавни личности.
Уште двајца истражувачи, кои неодамна ги напуштија позициите во Anthropic и Google DeepMind, вчера јавно ја изразија својата загриженост за брзото темпо на развој на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека производителите на оваа технологија мора да бидат потранспарентни во врска со ризиците што ги носи.











