ММФ: Развиените земји мора да го намалат долгот поради зголемените трошоци за задолжување

Развиените економии, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, треба да го намалат задолжувањето и нивото на јавниот долг поради зголемените трошоци за сервисирање на долгот, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.

Во интервју за Би-Би-Си, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, Георгиева изјави дека глобалните економски шокови го зголемиле нивото на долгот, додека владите досега не презеле доволно мерки за да ги ограничат трошоците за негово сервисирање.

„Време е да се преземе акција“, рече Георгиева, нагласувајќи дека за тоа е потребна политичка храброст.