
До крајот на годината не се очекува ревидирање на стапката на раст и промени во буџеткиот дефицит. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека состојбите се следат и дека буџетскиот дефицит, растот на БДП и задолжувањата ќе се одвиваат согласно проектираното во Ребалансот на Буџетот.
„До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме особено имајќи предвид дека стапката на раст во вториот квартал е 4,3%. Владата во измиантите две години многу посветено и напорно работеше на економијата и мислам дека сето тоа сега дава на некој начин резулати. И во однос на буџетскиот дефицит тоа што ни е проектирано, тоа ќе остане, без оглед на тоа дали ние ќе правиме ребаланс или нема да правиме ребаланс. Доколку се одлучиме и правиме ребаланс на буџетот во истовреме ќе работиме на кратење и на приходна и на расходна страна. Доколку останеме на истата состојба како сега повторно кажувам дека дефицитот нема да оди надвор од предвидено, во истовреме и задолжувањето бидејќи и тоа е дел од Ребалансот, којшто поминал во Собрание и тоа да кажеме се некои рамки во коишто Министерството за финансии мора да се движи”, истакна министерката за финансии во интервју за Македонската телевизија во Њујорк.
Потенцира дека се следат будно состојбите и дека се реагира согласно случувањата на глобално ниво.
„Ги следиме состојбите и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Ние во Министерството за финансии минатата недела имавме состанок со Управата за јавни приходи и Царинската управа во насока на тоа да видиме кои се нашите очекувања согласно состојбите, какви се очекувањата до крајот на годината, како се полни Буџетот и она што може заеднички да го кажеме е во рамките на планиранот, освен кај акцизата заради мерките”, наведе министерката.
Министерката, којашто во Њујорк учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија”, организирана во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026″ (Sustainable Development Impact Meetings 2026) на Светскиот економски форум, посочи дека мерките што се преземени како одговор на кризата се соодветни и дека имаат влијание на Буџетот.
„Она што е очигледно дека најмногу имаме влијание кај акцизата и таму се и мерките најголем период фокусирани, но од друга страна може да потвдиме дека Македонија е една од земјите коишто навистина има највисока стапка на раст и најстабилна и една од пониските инфалции, што јасно покажува дека мерките биле навистина насочени таму каде што треба. Морам да кажам дека низ целата дискусија постојано проверуваше фактот дека ние треба да се фокусираме на долгорочен раст кој се заснова на продуктивност. За да имате добра продуктивност во исто време треба да имате што е можно поевтини параметри или суровини. На некој начин и енергетските суровини се тие што треба да одржат пониски цени за да имаме поголема конкуретност. Така што би рекла дека сме во добра насока, но неизвесноста останува и натаму, а ќе се прилагодуваме согласно состојбите на светско ниво, бидејќи тоа не зависи од нас”, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.














