Комисијата за заштита на конкуренцијата влезе во над 30 откупни центри

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) започна обемна офанзива на терен, спроведувајќи ненајавени контроли во повеќе од 30 откупни пунктови ширум земјава. Под лупа на инспекторите се најдоа откупните центри во Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен, а фокусот е ставен врз начинот на кој се формираат и диктираат откупните цени на пиперката и јаболкото. Првичните анализи од прибраните документи веќе укажуваат на постоење индиции за можни прекршувања на пазарните правила и нарушување на конкуренцијата.

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата, во рамките на своите законски надлежности, спроведе контролни активности опфатени со над 30 откупни центри на териториите на општините Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен, кои вршат откуп на земјоделски и градинарски производи, при што предмет на контролата беа, меѓу другото, откупот на пиперка и јаболко.

Контролните активности беа спроведени преку непосредни увиди и прибирање податоци и документација од откупните центри, со цел да се утврди начинот на формирање на откупните цени, условите под кои се врши откупот, како и начинот на кој откупните центри ги утврдуваат и менуваат своите цени, информираат од Комисијата.
Соопштуваат дека при досегашната обработка на прибраните податоци и документација се утврдени одредени индиции кои упатуваат на можни прекршувања на прописите од надлежност на Комисијата.

Комисијата во наредниот период ќе продолжи со детална анализа и проверка на прибраните податоци и документација, по што, согласно утврдените факти и законските овластувања, ќе бидат преземени соодветни мерки.