
Економскиот сентимент во еврозоната падна во септември, пред сè поради скептицизмот кај потрошувачите, покажува денеска објавениот извештај на Европската комисија.
Индикаторот за економски сентимент (ESI) во еврозоната падна за 0,5 поени, на 97,9 поени, додека во Европската Унија е намален за 0,4 поени, на истото ниво, што е значително под долгорочниот просек од 100 поени.
Падот на расположението во еврозоната е последица пред сè на полебливата доверба кај потрошувачите, додека довербата во индустријата забележа раст, а во помала мера и во градежништвото.
Расположението во секторот за услуги и трговијата на мало остана воглавно стабилно.
Довербата на потрошувачите ослабе за 0,8 поени, при што се влошија сите четири компоненти на показателите: проценките за сегашната и идната финансиска ситуација на домаќинствата, очекувањата во врска со општата економска ситуација и подготвеноста за поголеми набавки.
Меѓу најголемите економии во Европската Унија, економското расположение најмногу е влошено во Франција (за 1,7 поени), додека во Италија падна за 0,8 поени.
Наспроти тоа, во Шпанија е забележано подобрување за 3,4 поени, во Германија за 0,6, а во Холандија за 0,5 поени.Анкетата беше спроведена во периодот од 1 до 21 септември, пренесува Танјуг.











