САД воведоа нови санкции за Иран, на удар железничкиот и автомобилскиот сектор

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот воведе нови санкции за Иран, насочени кон тамошните конгломерати во областа на железницата и автомобилската индустрија, како и кон меѓународните добавувачи за тие сектори.

Како што се наведува, новите санкции целат на алтернативните правци на Иран за превоз на нафта, вештачко ѓубриво, хемикалии и друга стока, откако САД воведоа блокада на транспортот на иранската нафта низ Ормускиот теснец, што го принуди Техеран повеќе да се потпира на патниот и железничкиот транспорт.

Санкциите ги опфаќаат компаниите „Иран Кодро“ и „Саипа“, наведува агенцијата.

Во синоќешното соопштение се наведува дека тие две компании сочинуваат повеќе од 90 отсто од иранскиот домашен пазар на автомобили.

Санкционирана е и државната компанија „Железници на Исламската Република Иран“ која обезбедува услуги за патнички и товарен превоз, потоа компанијата „Раџа“ и „Шеркат-е Рах о-Нагле“, за која се наведува дека е водечка приватна компанија за товарен железнички транспорт.

Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека оваа мерка е директно насочена против оние кои го овозможуваат делувањето на Иран и создава услови САД и нивните партнери еднаш засекогаш да ги исцрпат приходите на иранскиот режим.

Санкциите се дел од програмата на Министерството под наслов „Операција економски изопштеник“, најавена на 24 август, чија цел е прекин на финансирањето на војната, изградбата на ракети, сајбер-нападите и активностите на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), пренесе Ројтерс.

Програмата има за цел да го принуди Техеран на преговори за завршување на војната што започна со американско-израелскиот напад врз Иран пред околу седум месеци