Земјите од ОПЕК+ ќе ги задржат квотите за производство на нафта непроменети во ноември

Групата земји извознички на нафта ОПЕК+ ќе ги задржи квотите за производство на нафта непроменети во ноември, пред состанокот на оваа организација, која сè уште се занимава со последиците од прекините во извозот предизвикани од војната во Иран, изјавија три добро информирани извори.

Според извештаите, земјите од Персискиот Залив, членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), колективно произведуваат значително помалку нафта од планираното од почетокот на војната во Иран во февруари.

Во текот на изминатите неколку месеци, извозот се движеше помеѓу 60 и 80 проценти од нормалните нивоа.

Изворите исто така рекоа дека војната го одложила прегледот на производствениот капацитет во рамките на ОПЕК+, што е неопходно за да се утврдат квоти за членовите за следната година. Групата ОПЕК+ ги вклучува земјите-членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и производители надвор од организацијата, предводени од Русија.

Три извори запознаени со преговорите  изјавија дека алијансата постигнала принципиелен договор за одржување на непроменети цели за производство на нафта во ноември.

Групата ги зголеми целите за производство поголемиот дел од оваа година, по години намалување на производството, но повеќето од планираните зголемувања останаа на хартија поради војната.

Податоците на ОПЕК покажаа дека седум клучни земји на ОПЕК+ произвеле 25 милиони барели нафта дневно минатиот август, што е за 630.000 барели повеќе дневно од просекот во јули, но сепак околу 5 милиони барели дневно помалку од нивоата забележани пред да избувне војната.
Групата ОПЕК+ продолжува да спроведува намалување на производството од речиси два милиони барели дневно, што ги вклучува повеќето нејзини членови.

Изворите рекоа дека групата треба да го прегледа производствениот капацитет за да утврди како да го распореди зголемувањето, додека какви било промени во производството пред 2027 година се малку веројатни. Клучните земји од ОПЕК+ кои ќе одржат состанок денес се Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Кувајт, Алжир, Казахстан и Оман.