ИЕА ослободи 325 милиони барели нафта: Г7 интервенира за да го спречи глобалниот скок на цените

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави дека од март, околу 325 милиони барели нафта и нафтени деривати се ослободени од стратешките резерви на нејзините членки, што претставува околу 80 проценти од вкупно 400 милиони барели што првично беа предвидени со заедничката акција на Групата седум (Г7).
ИЕА изјави дека речиси една шестина од стратешките резерви на нафта на нејзините членки веќе се искористени откако Г7 одлучи во март, по почетокот на конфликтот со Иран, да посегне по овие залихи со цел да го намали притисокот врз пазарот, пренесува Фигаро.

Еден ден претходно, Г7 објави дека ИЕА веднаш ќе започне со координирано ослободување на дополнителни 100 милиони барели, но не беше прецизирано дали таа количина ги вклучува 75-те милиони барели што остануваат од првично договорените 400 милиони или дали вкупната обврска е зголемена на 500 милиони барели.

ИЕА на 11 март соопшти дека нејзините членови имаат повеќе од 1,2 милијарди барели „итни резерви“, при што дополнителни 600 милиони барели ги држи индустријата врз основа на владини обврски. Ослободените резерви, според тоа, претставуваат околу 18 проценти од вкупната количина.

Стратешките резерви беа воведени во 1974 година, по нафтениот шок предизвикан од војната во Јом Кипур, за да се заштитат земјите од ненадејни прекини во снабдувањето. Вкупно 290 милиони барели беа ослободени од 11 март до 21 јули, додека уште 35 милиони барели беа ослободени од крајот на јули до почетокот на октомври.

Снабдувањето на земјите од Г7 е дополнително комплицирано од два фактора. Извозот на нафта од земјите од Персискиот Залив е нарушен поради блокадата на Ормутскиот теснец, додека енергетските капацитети во Русија се цел на украински напади. Иако рафинериите во другите делови од светот работат со полн капацитет, цените на горивата нагло пораснаа низ целиот свет, вклучително и во САД, кои се нето извозник на нафта и нафтени производи.

Вашингтон дополнително го зголеми притисокот со наведување дека Европската Унија, која ги задоволува половина од своите потреби за дизел со увоз од САД, би можела да направи повеќе за да го намали притисокот врз пазарот. Американските медиуми во четврток објавија дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува забрана за извоз на дизел во Европа, но Трамп еден ден подоцна изјави дека таквата мерка „никогаш не била навистина на маса“ и ги поздрави одлуките на Г7.

Според договорот на Г7, дополнителни 100 милиони барели треба да бидат ослободени во текот на четири месеци, односно до крајот на јануари, со забрзано ослободување на залихите на почетокот на тој период. Г7, исто така, предвиде „значајно ослободување“ на дизел во првите 20 дена од земјите-членки и земјите-партнери.

Тој период се совпаѓа со кампањата за изборите за Конгресот во САД во средината на претседателскиот мандат, закажани за 3 ноември, според весникот. Прашањето за зголемувањето на цените на горивата и инфлацијата сè повеќе доминира во американската политичка дебата, додека јавноста, според текстот, во голема мера е против продолжувањето на нападот врз Иран.

„Ве молам однесувајте се како да сум на гласачкото ливче“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Според некои проекции, Републиканската партија би можела да го изгуби мнозинството во Претставничкиот дом или Сенатот, или во двата дома на Конгресот.