ЕУ и Кина бараат компромис во трговските преговори

Европската Унија и Кина се обидуваат да најдат компромис во трговските односи, но преговорите се уште се многу тешки. Брисел сака да го намали огромниот трговски дефицит со Кина, да го зголеми извозот на европски стоки и да го ограничи брзото продирање на кинеските производи на европскиот пазар.

Од друга страна, Пекинг предупредува дека новите ограничувања на кинескиот извоз би ја загрозиле меѓусебната трговија и би можеле да предизвикаат кинески контрамерки.

Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, за „Политико“ изјави дека двете страни сè уште не се блиску до конечен договор, иако месеците разговори беа конструктивни. На 8 октомври тој ќе отпатува во Пекинг на состанок со кинескиот министер за трговија, Ванг Вентао, кој го смета за клучен за продолжување на преговорите. Шефчовиќ рече дека чувствува голем политички притисок од европските лидери, кои очекуваат конкретен напредок.

Европската комисија сака да донесе конкретни резултати од Пекинг што би можела да им ги презентира на лидерите на ЕУ на состанокот на 15 и 16 октомври. Шефчовиќ издвои три прашања, остри скокови во кинескиот извоз во одредени индустриски сектори, зголемување на европскиот извоз во Кина и долгорочна безбедност поврзана со кинеските ограничувања за извоз на суровини, особено ретки земни елементи.

Според него, кинеската страна прифатила да се дискутираат сите овие прашања, но сè уште не понудила јасни гаранции дека тие ќе бидат решени.

Во центарот на спорот е трговскиот дефицит на ЕУ со Кина, кој, според Шефчовиќ, достигнал околу една милијарда евра дневно. На европските влади им е сè потешко да го прифатат приливот на кинески стоки, што, според нивното толкување, ги загрозува домашните производители, води до затворање на фабрики и губење на работни места. Намалувањето на дефицитот може да се постигне со намалување на кинескиот извоз во ЕУ, зголемување на европскиот извоз во Кина или комбинација од двата пристапа.

Преговорите се поделени во четири области, трговски и инвестициски биланс, контрола на извозот, интелектуална сопственост и реформа на Светската трговска организација. Според извор запознаен со преговорите, ЕК размислува за решение што би ги комбинира билатералните договори за одредени групи производи со еднострани ограничувања за други.

ЕУ веќе посочи дека, доколку преговорите не дадат резултати, може да го ограничи пристапот на кинеските стоки до нејзиниот пазар.