
Остриот пораст на цените на енергијата, зголемувањето на приносите од државните обврзници и намалената фискална поддршка би можеле да го забават економскиот раст, а со тоа да го ограничат обемот на монетарно затегнување што Европската централна банка (ЕЦБ) треба да го спроведе за да ја ограничи инфлацијата, изјави денес главниот економист на институцијата, Филип Лејн.
ЕЦБ ги зголеми каматните стапки двапати оваа година, во јуни и септември, бидејќи инфлацијата нагло порасна од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток и достигна речиси двојно повеќе од целното ниво од два отсто во септември, објави британската агенција Ројтерс.
Банката во Франкфурт сега го разгледува обемот на дополнителни неопходни мерки, со оглед на постојаните високи трошоци за енергија и изненадувачки отпорниот раст во еврозоната.
Лејн рече дека неодамнешниот скок на цените на енергијата претставува јасен ризик за забрзување на инфлацијата, но други фактори работат во спротивна насока, ублажувајќи го тој притисок, додавајќи дека измерениот одговор на централната банка на високата инфлација затоа останува соодветен.
Тој наведува фактори како што се високите трошоци за енергија, намалената фискална поддршка и неодамнешното зголемување на трошоците за финансирање на пазарот, кои заедно треба да ја забават економијата со намалување на побарувачката.
Зголемувањето на инвестициите поврзани со вештачката интелигенција имаше позитивно влијание врз економијата, но технолошките компании позајмуваа толку многу што тоа изврши дополнителен притисок врз каматните стапки, рече Лејн.
Финансиските пазари ги земаат предвид уште две до три зголемувања на каматните стапки од страна на ЕЦБ во следните 12 месеци.











