
Импресивниот двоцифрен пораст на патничкиот авиосообраќај на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, кој започна во 2025 година, продолжи и во првите 9 месеци од 2026 година
Меѓународниот Aеродром Скопје и Aеродромот Св. Апостол Павле Охрид продолжуваат да рушат рекорди.
Во првите девет месеци од 2026 година, двата македонски аеродрома, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми членка на групацијата АДП, опслужија вкупно 3,3 милиони патници (3.331.685), што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период во 2025 година.

Истовремено, бројот на летови во периодот од јануари до септември достигна вкупно 22.147, што е зголемување од 10% во споредба со минатата година.
Неџат Курт, генералниот директор на ТАВ Македонија, изјави: „Резултатите постигнати во првите девет месеци од 2026 година се силна потврда за позитивниот тренд во македонската авијација, при што вкупниот број на патници достигна 3,3 милиони, што претставува годишен пораст од 29%. Овој пораст се одрази и на ранг-листата на ACI-Europe според која Северна Македонија во август беше рангирана како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа. Би сакал искрено да им се заблагодарам на вработените на аеродромите за нивниот професионализам, напорна работа и посветеност, како и на Владата, авиокомпаниите како наши партнери и сите засегнати страни кои придонесуваат кон континуираниот пораст на македонскиот авијациски сектор. Очекуваме овој позитивен тренд на импресивен двоцифрен пораст на авиосообраќајот да продолжи, но нашата амбиција оди подалеку од порастот на бројот на патници. Посветени сме на комбинирање на одржливиот пораст со извонредноста во квалитетот на услугите и искуството на патниците, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги исполнуваат највисоките меѓународни стандарди.“

Според статистиката на ТАВ Македонија, Меѓународниот Аеродром Скопје опслужи 3.065.692 патници во периодот јануари-септември (пораст од 29,07%) и 20.081 летови (пораст од 8,46%), додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужи 265.993 патници (пораст од 26,76%) и 2.066 лета (пораст од 27,06%) на годишно ниво.
Петте најфрекфентни дестинации според патничкиот авиосообраќај од аеродромот во главниот град на Македонија се: Истанбул со 13,5% удел на пазарот (вклучувајќи ги двата аеродрома – ИГА и Сабиха Ѓокчен); Базел-Милуз со 4,4%; Минхен со 4,1%; Дортмунд со 4%; и Цирих со 3,8% удел на пазарот.
Петте водечки авиокомпании на Меѓународниот Аеродром Скопје според авиосообраќајот на патници во првите 9 месеци од 2026 година се: Wizz Air (63,8%); Pegasus Airlines (9,4%); Turkish Airlines (4,6%); Ajet Airlines (3,5%) и Austrian Airlines (3,4%).

Во истиот период (јануари-септември), петте најфрекфентни дестинации од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид според авиопатничкиот сообраќај: Братислава со 14,4% удел на пазарот; Базел (12,5%), Дортмунд (12,4%); Меминген (11,7%) и Цирих (8,7%).
Доколку се разгледува сообраќајот на патници на аеродромот во Охрид според учеството на авиокомпаниите, уделите на пазарот е следните: Wizz Air (70%), Chair Airlines (8,7%); Turkish Airlines (5%); TUI (4,6%) и TUI UK (3%).
Во тековниот летен распоред на летови за 2026 година, кој започна на 29 март и ќе трае до крајот на октомври, 15 авиокомпании летаат до 54 редовни дестинации, а 7 авиокомпании опслужуваат 24 чартер-дестинации од и до аеродромот во Скопје; истовремено, од аеродромот во Охрид, 8 авиокомпании летаат до 17 дестинации (14 редовни/сезонски и 3 чартер-авиолинии).

Со почетокот на летниот распоред на летови, оваа година беа воведени десет нови дестинации од аеродромите во Скопје и Охрид. Тоа се: Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и Милано, Виена, Вроцлав и Катовице од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
Континуираниот пораст на патничкиот авиосообраќај на македонските аеродроми е потврден и со најновиот извештај за воздушниот сообраќај на Меѓународниот Совет на Аеродроми – Европа (Airports Council International-Europe) за август 2026 година.
ACI-Europe ги рангираше македонските аеродроми како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа. По Словачка, како земја-членка на ЕУ со пораст на патничкиот сообраќај од 61%, македонските аеродроми – како пазар надвор од ЕУ – забележаа пораст од 35% (34,8%), со што се најдоа на врвот според порастот на патничкиот авиосообраќај на листата на ACI-Europe на земјите кои се надвор од ЕУ за август 2026 година. По аеродромите во Скопје и Охрид, на второто и третото место меѓу пазарите надвор од ЕУ, според порастот на патничкиот сообраќај во август, ACI-Europe ги рангираше Црна Гора (28,6%) и Албанија (20,7%).











