
Потребата од нов ребаланс на Буџетот според проф. Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор на организацијата „Македонија 2025“ е комбинација од домашни економски мерки и значително неизвесно меѓународно окружување. Таа во интервју за „Локално“ вели дека легитимно е прашањето за квалитетот на проекциите, бидејќи има втор ребаланс на Буџетот, но дека подобро е тој повторно да се усогласи со реалната состојба отколку формално да остане непроменет со приходи и расходи за кои веќе се знае дека нема да се реализираат. Според неа поважно е дали корекцијата се прави навреме, дали се подобрува структурата на расходите и дали со неа се задржува контролата врз дефицитот.
За тврдењата на премиерот дека ќе се крати и кај приходите и кај расходите, но дека тоа нема да има економски ефект, Мојсоска-Блажевски вели дека погрешно е да се каже дека секое кратење е целосно без ефект.
„Клучно е структурата на кратењето: да се заштитат инвестициите со висок економски ефект, социјалните обврски и расходите кои директно ја поддржуваат економската активност“, вели таа.
-Фактот дека има втор ребаланс секако отвора легитимно прашање за квалитетот на проекциите, но самиот број на ребаланси не е доволен за да се заклучи дека почетните проекции биле нереални.
Дополнително, податоците заклучно со 31.08.2026 година покажуваа раст на вкупните буџетски приходи од 8% во споредба со истиот период од претходната година, како и 60% во однос на планираните, што укажува на умерено потфрлување кај наплатата на приходите. Поголемо намалување од 4% на приходите се забележува кај приходите по основ на акцизи (акцизите се наплатуваат по литар гориво, додека ДДВ се пресметува на цената на горивата).
Треба да се направи разлика меѓу приход кој не е реализиран поради послаба економска активност и приход од кој државата свесно се откажала преку промена на даночната политика. Во случајот со горивата имаме токму таков ефект: пониска акциза и пониско ДДВ значат и пониски буџетски приходи.
Затоа, попрецизно е да се каже дека во текот на годината се променила структурата на приходите и дел од претпоставките врз кои бил направен претходниот ребаланс. Во такви услови, подобро е Буџетот повторно да се усогласи со реалната состојба отколку формално да остане непроменет со приходи и расходи за кои веќе се знае дека нема да се реализираат, односно на 31 декември да имаме нереална, прикриена состојба за јавните финансии, вели Никица Мојсоска-Блажевски.











