Богатите Американци купуваат помалку познати брендови, а потрошувачката на луксузни стоки продолжува да се намалува

Потрошувачката на луксузни стоки во Соединетите Американски Држави, мерена преку трансакции со кредитни картички, се намали трет месец по ред во септември, и тоа за шест проценти во споредба со истиот период минатата година, покажаа податоците од банката „Сити“.

Ова укажува на слабеење на побарувачката на најголемиот пазар на луксузни стоки пред ноемвриските избори за Конгресот на САД, објави CNBC.

Потрошувачката во јули и август беше помала за четири проценти на годишна основа.

Иако порастот на богатството кај побогатите потрошувачи продолжи да ја поддржува побарувачката на високиот дел од пазарот, вкупната потрошувачка на луксузни стоки покажа знаци на забавување.

Луксузните брендови се потпираат на релативно отпорна потрошувачка од страна на богатите Американци, вклучувајќи го и растечкиот број милионери од областа на технологијата и вештачката интелигенција, за да ја компензираат послабата продажба на другите големи пазари, особено во Кина.

Според податоците од Сити, трошењето за кожни производи и конфекција се подобрило во септември во споредба со претходниот месец, додека трошењето за часовници и луксузен накит дополнително ослабело.

Повеќето луксузни брендови кои продаваат облека, обувки и кожни производи ги зголемиле цените за неколку проценти оваа година, додека производителите на часовници и накит ги зголемиле цените малку повеќе.