
Нобеловецот и економист Пол Кругман предупреди дека спасувањето на Франција од должничката криза може да биде премногу скапо и политички тешко за Европската централна банка (ЕЦБ).
Кругман, во текст што го објави на својот блог, посочи на растечките трошоци за сервисирање на францускиот јавен долг и високите буџетски дефицити, што дополнително го зголемуваат односот на долгот кон бруто домашниот производ (БДП).
Франција не воведе реформи во однос на релативно ниската возраст за пензионирање, што Кругман го идентификуваше како еден од клучните проблеми, со оглед на стареењето на населението, пренесува CNBC.
Сличност со претходните долгови кризи
Приносот на 10-годишните француски државни обврзници го достигна највисокото ниво од 2002 година, што предизвика загриженост во врска со трошоците за позајмување и довербата на инвеститорите.
Кругман предупредува дека губењето на довербата на пазарот би можело да започне спирала во која зголемувањето на приносите дополнително ќе го зголеми стравот од неплаќање и ќе го поттикне повлекувањето на капиталот.
Тој направи паралела со должничката криза во Еврозоната од 2009 до 2012 година, кога Грција, Португалија, Шпанија и Италија беа под силен притисок од финансиските пазари.
Според неговата проценка, поддршката од ЕЦБ за Франција би била исклучително скапа и политички спорна ако Париз не покаже подготвеност да ги ограничи јавните трошоци и да ги стабилизира јавните финансии.
Потребата од постигнување договор
Поранешниот претседател на Европската централна банка, Жан-Клод Трише, за CNBC изјави дека француската влада и парламентот мора да постигнат компромис за буџетот и намалувањето на дефицитот за да го вратат кредибилитетот кај инвеститорите.
Активирањето на помошта би барало и иницијатива од француската влада, која во моментов тврди дека не ѝ е потребна таква поддршка.
Трише рече дека француските политичари, без оглед на меѓусебните разлики и приближувањето на претседателските избори, мора да покажат одговорност и способност за постигнување договор.











