
Светската банка е во преговори со 30 до 40 земји за потенцијална помош во криза, со цел да им се помогне да се справат со енергетските шокови и зголемувањето на цените предизвикани од војната на Блискиот Исток, изјави денес за Ројтерс нејзиниот претседател Аџај Банга.
Тој додаде дека глобалната економија се покажала како доста отпорна, делумно благодарение на големите инвестиции во вештачка интелигенција и прилагодувањата кон понудата и побарувачката на нафта, малку земји ги побарале почетните 25 милијарди долари од кризните фондови што Светската банка ги стави на располагање кога започна војната кон крајот на февруари.
Според него, наглиот пораст на цените на дизелот и вештачките ѓубрива, како и други фактори, вклучувајќи го и заканувачкиот временски феномен „супер Ел Нињо“, ги зголемуваат, сепак, предизвиците со кои се соочуваат земјите во развој.
Банга го изјави ова пред овогодишните годишни состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.
„Постои притисок, па мислам дека можеби во наредните месеци повеќе земји ќе аплицираат за дел од тие први 50 до 60 милијарди долари“, рече тој, осврнувајќи се на почетните 25 милијарди долари плус дополнителни 35 милијарди долари до кои земјите можат да пристапат со пренасочување на средства од веќе одобрени проекти на Светска банка.












