ОПЕК веќе шести месеци ги крати предвидувањата: Забавува глобалната побарувачка за нафта во 2026 година

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) денес ја намали својата прогноза за раст на побарувачката на нафта во 2026 година, шести месец по ред, и очекува таа да порасне само за 0,18 милиони барели дневно, на вкупно 105,72 милиони барели дневно.

Претходната прогноза предвидуваше пораст од 0,38 милиони барели дневно, што значи дека проценката е намалена за 200.000 барели дневно.

Побарувачката за нафта во земјите кои не се членки на ОЕЦД се проценува на 59,6 милиони барели дневно во 2026 година, што претставува зголемување од 0,39 милиони барели дневно.

Во земјите на ОЕЦД, се очекува побарувачката да се намали за 210.000 барели дневно во споредба со минатата година, на 46,12 милиони барели дневно.

ОПЕК очекува промена на трендот следната година, кога светската побарувачка за нафта треба да се зголеми за 2,55 милиони барели дневно, што е за 190.000 барели дневно повеќе од претходната прогноза за раст од 2,36 милиони.

Вкупната глобална побарувачка за нафта ќе достигне 108,3 милиони барели дневно следната година, поттикната од закрепнувањето на потрошувачката и потребата од надополнување на залихите на нафта, соопшти ОПЕК на својата веб-страница.

Гледано по видови горива, најголемиот придонес кон растот на побарувачката во 2027 година треба да дојде од бензинот, со зголемување од околу 700.000 барели дневно.

Побарувачката за гориво за авиони и керозин треба да се зголеми за околу 550.000 барели дневно, а за дизел за приближно 420.000 барели дневно.