
Вработените во Европската централна банка (ЕЦБ) побараа проверка дали претседателката на таа институција, Кристин Лагард, ги прекршила етичките правила кога ја промовирала својата претстојна автобиографија на прес-конференција минатиот месец, објави бриселски Политико, повикувајќи се на извори.
Комитетот за персонал на ЕЦБ ги изнесе своите забелешки во писмо до главниот службеник за усогласеност, барајќи појаснување дали Лагард го прекршила кодексот на однесување на банката.
Писмото, исто така, укажува на можни „двојни стандарди“ во примената на етичките правила кон вработените и шест члена на Извршниот одбор на ЕЦБ.
Лагард ја спомена својата автобиографија „Прва дама“ на прес-конференција за монетарната политика на 10 септември, кога беше прашана како има намера да ја оддели комерцијалната промоција на книгата од нејзината улога во ЕЦБ.
Таа тогаш изјави дека сите маркетиншки, издавачки и комерцијални активности ќе се одвиваат за време на викендите или во текот на еден или два дена што ќе ги земе за одмор.
Портпаролот на ЕЦБ изјави дека Лагард не направила ништо лошо.
Сепак, промоцијата на книгата на прес-конференцијата ги поттикна шпекулациите дека Лагард би можела да ја напушти функцијата шеф на ЕЦБ пред нејзиното објавување, односно многу пред крајот на нејзиниот мандат во октомври следната година.
Според „Политико“, писмото е најновото во низата спорови меѓу раководството на централната банка и претставниците на вработените, кои го тужеа раководството на ЕЦБ за наводни прекршувања на слободата на говорот во рамките на институцијата.
Иако промоцијата на книгата можеби е кажано на шега, претставниците на вработените сакаат да утврдат дали пишувањето и објавувањето на автобиографијата спаѓа во концептот на „професионална дејност“ во смисла на член 11.1 од Статутот на ЕЦБ.
Доколку тоа не е случај, одборот побара информации за тоа дали Советот на ЕЦБ разгледал и одобрил исклучок од правилата, објавува Танјуг. Вработените, исто така, прашаа дали ракописот е прегледан за да се осигури дека не содржи доверливи информации или содржина чувствителна од гледна точка на монетарната политика и дали промоцијата на книгата на официјален настан е во согласност со кодексот на однесување на банката.











