Германија инвестира милиони во вештачка интелигенција, планира соработка со Nvidia

Германската федерална влада планира широка соработка со американската компанија Nvidia, еден од водечките светски производители на чипови за вештачка интелигенција (AI), со цел да се забрза примената на оваа технологија во индустријата и да се намали јазот со Соединетите Американски Држави и Кина, објави германскиот весник Handelsblatt, повикувајќи се на извори запознаени со проектот.

Според весникот, германската влада е подготвена да инвестира неколку стотици милиони евра во проектот, кој би обезбедил компјутерски капацитети и би развил нови модели на вештачка интелигенција наменети за индустриска примена.

Се очекува соработката официјално да биде претставена следната недела на инвестицискиот самит „Инвестирајте во Германија“, а извршниот директор на Nvidia, Јенсен Хуанг, треба да пристигне во Берлин во понеделник, каде што ќе се сретне со германскиот канцелар Фридрих Мерц.