Георгиева: Светот не може да си дозволи грешки во развојот на вештачката интелигенција

Вештачката интелигенција би можела да го зголеми глобалниот економски раст за околу 0,5 процентни поени годишно во текот на следната деценија, но прекумерните очекувања, зголеменото задолжување од страна на технолошките компании и сајбер ризиците би можеле да ја загрозат финансиската стабилност, предупреди директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Во колумната, Георгиева забележа дека инвестициите во вештачка интелигенција веќе ја поттикнуваат економската активност, особено во Соединетите Американски Држави и азиските земји кои произведуваат хардвер.

Сепак, вистинските придобивки од продуктивноста ќе зависат од тоа колку брзо компаниите ќе ги адаптираат своите производи, деловни процеси и организација на работата на новата технологија, додаде таа.