Засилени акции на АХВ: Запленети и уништени над 5 тони небезбедна храна на скопските пазари

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжува со спроведување на засилени вонредни инспекциски контроли на зелените пазари, со цел сузбивање на нелегалната трговија со овошје и зеленчук и продажбата на храна во несоодветни услови, без потекло, најчесто од страна на препродавачи кои тргуваат надвор од организираните пазарни простори.
Минатата недела, во рамки на акциите спроведени на скопскиот Зелен пазар и на пазарот во населбата Ѓорче Петров, запленети и уништени се над 5 тони небезбедна храна. Станува збор главно за овошје и зеленчук кои нелегално се продавале, надвор од пазарот, со што директно ја загрозуваат безбедноста на потрошувачите, но и ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот, на штета на примарните земјоделски производители и легалните трговци.

Контролите се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат, со цел спречување на нелегалната трговија и обезбедување законски услови за продажба на храна.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување на засилените контроли и во наредниот период, на различни локации во Скопје и низ државата. Целта е заштита на здравјето на потрошувачите, спречување на прометот со небезбедна храна и создавање фер услови за работа на легалните трговци и примарните земјоделски производители