46 милиони граѓани во ЕУ немаат пари за кино, спорт и слободно време, Македонија над европскиот просек

Околу 46 милиони луѓе во Европската Унија пропуштаат редовни активности во слободното време бидејќи не можат да си ги дозволат, покажаа податоците на Евростат.

Имено, минатата година уделот на луѓе кои немале доволно пари за да учествуваат во вакви активности бил најнизок во Хрватска, само 3,9 проценти, додека на другата страна од спектарот е Грција со 27,3.

Просекот во ЕУ е 12,1 процент, а анкетата опфаќа лица на возраст од 16 години и повеќе. Дури 23,3 проценти од Романците, 17,9 проценти од Литванците и 16,2 проценти од Летонците не можат да финансираат активности за слободно време, додека Северна Македонија (15,9) и Унгарија (15,8) го надминуваат просекот на ЕУ.

Меѓу најголемите економии на Унијата, Германија со 11,7 проценти и Италија со 10,7 се исто така под просекот. Со исклучок на Хрватска, најмал удел е забележан во Чешка (4,1 процент), Луксембург (5,4), Норвешка и Словачка (5,7).

Освен Малта, каде што разликата беше мала и изнесуваше 0,1 процентен поен, активностите за слободно време беа помалку достапни за жените отколку за мажите. Во ЕУ, процентот беше 13 проценти кај жените, во споредба со 11,1 процент кај мажите.

Според Евростат, активностите за слободно време вклучуваат, меѓу другото, спорт, кино и концерти, а заедничко им е што треба да се одвиваат надвор од домот.

Тие вклучуваат трошење пари за билети или патувања, како што е пливање; за опрема, на пример велосипед, како и за учество во организирани активности, како што се членарини за фудбалски клуб.