
Вредноста на чантите Birkin од француската модна куќа Hermès на пазарот на половни луксузни стоки паѓа поради зголемување на понудата и слабеење на побарувачката, што го доведува во прашање деловниот модел на производителот на луксузни стоки базиран на ексклузивност и ограничена достапност, објавува Ројтерс.
Препродавачите известуваат дека цената на неискористените чанти Birkin на секундарниот пазар паднала за илјадници долари во споредба со врвот достигнат во 2022 година.
Според податоците од брокерската куќа Bernstein, просечната цена на чантите Birkin 25 на секундарниот пазар во третиот квартал од оваа година била околу 1,7 пати поголема од малопродажната цена, во споредба со 2,6 пати на врвот во 2022 година.
Аналитичарите на швајцарската банка UBS проценуваат дека бројот на чанти „Birkin“ и „Kelly“ што се нудат на продажба низ целиот свет е шест до седум пати поголем отколку пред пандемијата на коронавирусот.
Растот на понудата беше стимулиран од проширувањето на платформите за препродажба на луксузни стоки, како и од зголемувањето на бројот на специјализирани продавници и продавачи што работат преку социјалните мрежи.
Чантите Birkin, именувани по британско-француската актерка Џејн Биркин, со децении се еден од најпрепознатливите симболи на луксуз, а нивната ограничена достапност им овозможи на купувачите да ги продаваат на секундарниот пазар по цени значително повисоки од малопродажните.
Според препродавачите, купувањето на чантите Birkin често се поврзува со претходното купување на други производи на Hermès, како што се облека, обувки и свилени шалови. Двајцата препродавачи проценуваат дека клиентите трошат помеѓу 10.000 и 20.000 долари во некои случаи пред да им се понуди чанта Birkin или Kelly.










