
Матијас Депнер, извршен директор и ко-сопственик на германскиот медиумски конгломерат „Аксел Спрингер“, врши притисок неговата компанија да преземе удел во европскиот бизнис на „ТикТок“. Тој му го презентирал планот на Чарлс Кушнер, американскиот амбасадор во Франција, пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Според „ФТ“, Депфнер го угостил Кушнер, таткото на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, на ручек во седиштето на „Аксел Спрингер“ во Берлин во јануари. Во таа прилика, тој предложил неговата компанија да биде дел од договорот за купување на европскиот дел од апликацијата, кој е во сопственост на Кина.
Моделот на американскиот договор
Предлогот, според истите извори, е сличен на договорот што го постигна Трамп за одвојување на американскиот дел од „ТикТок“ поради загриженост за националната безбедност. Со тој договор, инвеститорите и кинескиот „БајтДанс“ основаа заедничка компанија со седиште во Калифорнија, која доби поголема контрола врз алгоритмот и податоците на американските корисници.
Како што објавува Investing.com, „Аксел Спрингер“ потврди дека е заинтересиран за „европско решение“ за „ТикТок“. „БајтДанс“ ја отфрли идејата и изјави дека немало формални разговори за преземање.
Депфнер долго време се залага „ТикТок“ да премине во рацете на сопственици од демократски земји. Во мај, според „Израел Хајом“, тој го нарече „ТикТок“ една од најопасните пропагандни машини во светот и рече дека Европа треба да го следи американскиот пример.
„Аксел Спрингер“ е сопственик на „Политико“, германските весници „Билд“ и „Ди Велт“, а оваа година го купи и британскиот „Телеграф“ за 575 милиони фунти.










