Профитот на „Тесла“ во третиот квартал се намали за 43 проценти

Тесла во среда објави дека нејзината добивка во третиот квартал е намалена, поради зголемените инвестиции на компанијата на Илон Маск во вештачка интелигенција, роботика и автономни возила.

Во третиот квартал, производителот на електрични возила оствари нето добивка од 787 милиони долари (701 милион евра), или 22 центи по акција, што е за 43 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година.

Покрај малиот пад на продажбата на автомобили, Тесла забележа и намалување на приходите од регулаторни кредити и производство и складирање на енергија.

Приходите, пишува „Еуроњуз“, останаа речиси непроменети и изнесуваа 28 милијарди долари (24,9 милијарди евра), што е малку помалку од просечната проценка на аналитичарите, која изнесуваше 28,3 милијарди долари.

Сепак, со исклучок на одредени ставки, заработката по акција беше 48 центи, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите на Волстрит за три центи.

Еден од позитивните резултати во овој квартал беше слободниот паричен тек на Тесла, кој изнесуваше 1,5 милијарди долари (1,3 милијарди евра). Тоа е износот на пари што ѝ останува на компанијата откако од приходите ќе се одземат инвестициите потребни за нејзиното работење.

Со оглед на големите инвестиции во вештачка интелигенција, аналитичарите очекуваа дека Тесла ќе забележи негативен паричен тек, односно ќе потроши повеќе пари отколку што ќе генерира. Сепак, слободниот паричен тек беше сè уште за 62 проценти помал од претходната година.

„Се чини дека Тесла има пристап што е поефикасен во однос на капиталот, одложувајќи ги долгорочните проекти за да може да го финансира растот на вештачката интелигенција со свои ресурси“, објасни Сет Голдштајн, аналитичар во Морнингстар, истакнувајќи го неочекуваниот позитивен паричен тек како најголемо изненадување во кварталот.