
Норвешкиот пензиски фонд во четврток објави дека го затворил третиот квартал со загуба од 278 милијарди норвешки круни (29,71 милијарди долари), со негативни резултати од инвестициите во обврзници.
Во првата половина од годината, тој беше позитивен и изнесуваше 9,4 проценти, благодарение првенствено на растот на вредноста на акциите на технолошките компании.
Приносот на фондот беше (во третиот квартал) речиси неутрален, со мал негативен предзнак, бидејќи зголемувањето на каматните стапки доведе до послаби резултати од нашите инвестиции во инструменти со фиксен приход, изјави заменик-извршниот директор Тронд Гранде.
Портфолиото на обврзници забележа негативен принос од 3,5 проценти, покажуваат резултатите.
Во портфолиото на акции, фондот забележа позитивен принос од скромни 0,5 проценти, а портфолиото на недвижнини е веднаш зад него со принос од 0,4 проценти.
Приносот од инвестициите во акции беше близу до нула, но со големи разлики меѓу секторите, забележува Гранде. Најмногу пораснаа кај енергетските компании, додека секторите чувствителни на каматните стапки, како што се комуналните услуги и недвижностите, забележаа пад, според функционер на норвешкиот фонд.
Добар резултат е забележан кај инвестициите во инфраструктура за обновливи извори на енергија, според приносот од 7,5 проценти, покажува извештајот.
На крајот на септември, акциите учествуваа со нешто помалку од три четвртини од средствата, односно 72,1 процент, а обврзниците со 25,8 проценти. Уделот на некотираните недвижности беше 1,5 проценти, а некотираната инфраструктура за обновливи извори на енергија беше 0,5 проценти.
Вредноста на фондот изнесуваше 22,014 трилиони круни на крајот на септември и беше 670 милијарди помалку од пред три месеци.
Норвешкиот суверен фонд за богатство, најголем од ваков вид во светот, управува со средства во вредност од 2,3 трилиони долари, потсетува Ројтерс.










