
Рекордна количина фалсификувана стока е запленета на пазарот на Европската Унија во 2025 година, чија вкупна вредност се проценува на 6,3 милијарди евра, објави Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (EUIPO).
Во годишниот извештај, подготвен од EUIPO и Генералниот директорат на Европската комисија за даноци и царини, пишува дека се конфискувани вкупно 196 милиони парчиња фалсификувана стока, пренесува Бета.
Речиси 75 проценти од конфискуваната стока биле компакт дискови, играчки, етикети, висечки декларации и налепници, цигари, вклучувајќи ги и електричните, игри и облека, се вели во извештајот.
Се додава дека четири членки на ЕУ се одговорни за дури 90 проценти од заплените, додека во однос на финансиската вредност на стоката запленета на надворешните граници на ЕУ, Шпанија е на прво место, а Германија е на второ место.
Во однос на заплената на стока што веќе влегла на внатрешниот пазар на ЕУ, Франција е неоспорен лидер со 70 проценти од сите заплени на внатрешниот пазар.
Најважните земји на потекло на фалсификувана стока се Кина, со 41 процент, Турција, со 18 проценти и Хонг Конг со шест проценти.
Стоката најчесто се доставува со бродови или патен транспорт, нешто помалку преку курирски услуги, пошта или преку онлајн нарачки, а најмалку со авион.
Извештајот е изготвен врз основа на податоци од полицијата и царината и надзор на пазарот.
Вредноста на запленетата стока го надмина рекордот од 2024 година, кога од пазарот беше отстранета фалсификувана стока со вкупна вредност од 3,9 милијарди евра.
Сепак, се истакнува дека од извештајот не можат да се извлечат заклучоци за тоа колку фалсификувана стока сепак стигнала до клиентите и за вкупниот обем на трговија со таква стока.










