Продажбата на станови падна, но изнајмувањето доживеа експанзија во Македонија

Пазарот на недвижности во земјава во третиот квартал од 2026 година задржа висока економска активност со вкупна вредност од 339 милиони евра, но бележи забележително забавување во делот на купопродажбите, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Податоците во третиот квартал од 2026 година покажуваат дека пазарот на недвижности во нашата држава и понатаму бележи значителна економска активност, но со намалена динамика кај купопродажбите, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

– Во овој период се регистрирани 7.679 трансакции, што претставува намалување од 8,2 % во споредба со претходниот квартал. Забележан е пад на бројот на купопродажби од 12,1 % во однос на претходниот квартал, додека кај бројот на закупи има раст од 2,8 %. Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува 339 милиони евра и е намалена за 3,6 % во споредба со претходниот квартал. Од нив, 337,8 милиони евра се однесуваат на купопродажбите со пад од 3,6 %, а 1,1 милион евра на закупите со пад од 10,2 % – се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека особено интересен е податокот за пазарот на станови, кој покажува намалување на продажбата на станови за 14 %, а нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 6 % во споредба со предходниот квартал. Кај закупите забележан ераст на бројот на закупени станови од 45 %, и зголемување на вкупната месечна закупнина за 31 % во споредба со претходниот квартал.

– Нашата оценка е дека пазарот покажува различни движења во двата сегмента – намалена активност кај купопродажбите и умерен раст кај закупите по бројот на договори, но намалување на вкупната месечна закупнина – се вели во соопштението.