
Инвестициите на американските компании поврзани со вештачката интелигенција ќе бидат главен двигател на растот на деловните инвестиции и во 2027 година, а нивната годишна вредност во сегментот на хардвер и интелектуална сопственост би можела да достигне 1,4 трилиони долари, проценува њујоршката инвестициска банка „Голдман Сакс“ во извештај објавен денес.
Според прогнозата на оваа инвестициска банка, годишното темпо на инвестиции во хардвер за вештачка интелигенција и интелектуална сопственост ќе надмине 900 милијарди долари до крајот на 2026 година, додека во 2027 година би можело да порасне на 1,4 трилиони долари, што одговара на износ од речиси четири проценти од бруто-домашниот производ на САД, објавува „Ројтерс“.
Инвестициите поврзани со технологијата на вештачка интелигенција директно ќе придонесат за растот на капиталните инвестиции во САД во 2027 година за 5,3 процентни поени, вклучувајќи ги и инвестициите во производство на полупроводници, додека нивниот придонес кон растот на БДП на САД би можел да изнесува 0,6 процентни поени, забележува „Голдман Сакс“.











