
Акционерите го тужат американскиот производител на чипови „Интел“, обвинувајќи го дека ја прикрива сериозноста на падот во продажбата на персонални компјутери (PC), за кој велат дека ги довела акциите до пад од речиси 29 проценти за еден ден.
Во предложената групна тужба во Сан Хозе, Калифорнија, се тврди дека „Интел“ ги предупредил акционерите предоцна за тоа како забавувањето на продажбата може да влијае на неговата заработка, наводно вештачки зголемувајќи ја цената на акциите.
Акциите на Интел паднаа на 30 октомври, бришејќи десетици милијарди долари од нивната пазарна вредност еден ден откако компанијата прогнозираше разочарувачки приходи во претстојниот извештај за заработка, објавува Би-Би-Си.
Тужбата, која ја поднесе адвокатската канцеларија „Робинс Гелер Рудман и Дауд“ во име на сопствениците на обичните акции на Интел во периодот од 23 јули до 29 октомври оваа година, беше поднесена против производителот на чипови, неговиот извршен директор Тан Лип-Бу и други водечки личности на компанијата. Во тужбата се тврди дека Интел дал лажни и/или погрешни изјави во кои не го открил забавувањето на продажбата на персонални компјутери и влијанието на неговите проекти за центри за податоци.
Во октомври, компанијата објави дека продажбата на компјутерски хардвер нагло паднала во кварталот што заврши во септември. Тој извештај ги поби претходните сугестии на Интел дека побарувачката се подобрува, што ги насочи акциите на Интел кон пад, според тужбата.
Во тужбата, исто така, се наведува дека намалената побарувачка за продажба на персонални компјутери предизвикала драматично забавување на кварталните заработки – пад од девет проценти, или околу 800 милиони долари, на 8,1 милијарда долари.
Интел инвестираше многу во производствени капацитети за да ја задоволи огромната побарувачка за компјутерска моќ потребна за вештачка интелигенција. Бидејќи повеќе полупроводници се насочуваат кон центри за податоци, чиповите за компјутери и друга електроника станаа поскапи.
Шефот на Интел, Тан, им рече на аналитичарите дека индустријата се соочува со невиден недостиг на меморија, што резултира со недостиг на чипови за персонални компјутери. „Мораме итно да се соочиме со овие предизвици“, рече Тан во октомври.
Акциите на Интел забележаа остар пад од 37,5 проценти во последниот месец, иако сè уште се во пораст од 51 процент од почетокот на оваа година.











