ЕЦБ: Вештачката интелигенција ги забрзува сајбер нападите, банките во еврозоната се соочуваат со предизвици

Забрзаниот развој на напредни модели на вештачка интелигенција (ВИ) суштински ја менува природата на сајбер заканите и носи значителни предизвици за финансиската стабилност на еврозоната, се вели во анализата објавена  од експерти на Европската централна банка (ЕЦБ).

Автономните, таканаречени системи за агентска вештачка интелигенција значително го зголемуваат опсегот, брзината и софистицираноста на сајбер нападите, а во исто време ги намалуваат техничките бариери за помалку искусните напаѓачи, предупредуваат експертите.

За разлика од американските модели со затворен код, кинеските поевтини модели со отворен код им овозможуваат на корисниците лесно да преземаат, обучуваат и отстрануваат вградени безбедносни ограничувања, правејќи ги достапни за масовни напади по ниска цена.