Рим размислува за воведување дигитални плаќања наместо фрлање монети во Фонтаната Треви

Традиционалниот чин на фрлање парички во Фонтаната Треви во Рим би можел да добие дигитална алтернатива, бидејќи се разгледува можноста за воведување бесконтактно плаќање преку ПОС терминали, со што ќе им се овозможи на посетителите да донации без готовина, објавува „Ла Република“.

Според италијанскиот весник, идејата е да се користи електронски систем за да се олеснат донациите, да се намали употребата на готовина и да се овозможи потранспарентно управување со собраните пари.

Фонтаната Треви, која ја посетуваат илјадници туристи секој ден, е еден од најпознатите симболи на Рим, а фрлањето парички во нејзината вода е долгогодишна традиција поврзана со верувањето дека оние кои го прават тоа еден ден ќе се вратат во италијанската престолнина.

Воведувањето на дигиталното плаќање би можело да го олесни собирањето донации, но прашањето е дали таквата промена би влијаела на традиционалниот обичај кој стана дел од туристичкиот идентитет на Рим.

Едно можно решение е да се комбинира традиционалното фрлање паричка и електронското плаќање, така што посетителите ќе можат да избираат помеѓу зачувување на обичаите и користење на модерни технологии.

Туристите фрлиле околу 174.000 евра помалку во фонтаната Треви во Рим во првите девет месеци од 2026 година отколку во истиот период минатата година, откако беа воведени билети за пристап до областа околу фонтаната, објави радиото „Рома Капитале“.

Според податоците од католичката хуманитарна организација „Каритас“, фонтаната собрала 1,24 милиони евра од јануари до септември оваа година, додека 1,42 милиони евра биле собрани во истиот период во 2025 година.

Вкупната тежина на собраните монети е исто така намалена за околу 10 до 15 проценти, на 22.740,55 килограми.

Падот на приходите се припишува на новите правила за пристап до споменикот, воведени во февруари, кои бараат туристите да платат две евра за да се спуштат до базенот на фонтаната.

Градските власти ја воведоа таксата за регулирање на бројот на посетители и заштита на споменикот, а собраните пари се наменети за одржување на фонтаната и за обезбедување бесплатни билети за градските музеи за жителите на Рим.

Поради оградите и ограничениот пристап, некои туристи сега ја набљудуваат фонтаната од далечина, без традиционалното фрлање парички во водата.

Парите што посетителите ги оставаат во фонтаната се наменети за социјални програми и помош на ранливите категории на населението. Собирањето парички се врши во присуство на полицајци.

Од 2022 до 2025 година, Каритас насочи околу седум милиони евра собрани во фонтаната за помош на луѓето во нужда.