
Фолксваген бара работниците во Германија да не добијат зголемување на платите во 2027 и 2028 година и дека 35-часовната работна недела може да се прилагоди на производството без надомест, објави концернот пред разговорите со IG Metall што започнуваат во вторник во Емден.
Фолксваген достави список на барања за претстојните колективни преговори до синдикатот IG Metall. Според соопштението на концернот, кое го објави германската агенција dpa, синдикатот треба да се согласи со отсуството на зголемување на платите во 2027 и 2028 година.
Концернот, исто така, бара работното време, кое сега е 35 часа неделно, да се прилагоди на обемот на работа на фабриката, по потреба, без надомест во платата.
Фолксваген, исто така, бара укинување на додатокот на тарифата од 27,5 проценти од просечната месечна плата, што вработените сега можат да го заменат за шест дена одмор. Исто така, се бара и укинување на месечниот додаток на тарифата од 167 евра .
Што вели Фолксваген
Преговарачот на концернот, Керстин Шолц, вели дека тие не ги доведуваат лесно во прашање своите правила, туку дека условите значително се влошиле, па затоа мора да бидат побрзи. Како причини, Фолксваген ги наведува царинските бариери, слабеењето на кинескиот пазар и конкуренцијата во Европа, со проценка дека мерките од 2024 година не се доволни. Барањата се дел од Зукунфтсплан 2030.
Што бара синдикатот?
IG Metall бара зголемување на платите од пет проценти, тврдејќи дека трошоците за живот растат и дека работниците веќе се согласиле на големи отстапки. Последното зголемување на платите беше во мај 2024 година. Синдикалниот преговарач Торстен Грегер неодамна објави конфликт поголем од сè што концернот доживеал досега, а работниците, според нивните сопствени изјави, се подготвуваат за прекини на работата.
Преговорите започнуваат во вторник, 24 ноември, во Емден, а втората рунда е закажана за 15 декември во Цвикау. Мировниот период без штрајкови трае до 31 декември, по што се можни предупредувачки штрајкови. Според ДПА, договорот се очекува дури во новата година.
Преговорите се однесуваат на приближно 130.000 вработени во фабриките во Германија. Фолксваген откажа десет колективни договори на крајот на септември и планира да елиминира дополнителни 12.000 работни места до 2030 година, покрај 35.000 што беа договорени во 2024 година.











