Жените во Македонија заземаат една од пет раководни позиции

Само една од пет раководни позиции во средните и големите компании во Северна Македонија ја зазема жена. Во повеќе од седум од десет од овие компании нема ниту една жена во раководството. Ова се главните наоди од новата студија на Women on Boards Adria (WOBA), изработена со поддршка на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и денес претставена во Скопје на дијалогот за политики „Жените во корпоративното лидерство во Северна Македонија: Од сознанија до акција“. Студијата дава прва целосна слика за жените во корпоративното раководство во Северна Македонија.

Студијата, Women on Boards in North Macedonia: Advancing Gender Equality in Corporate Decision-Making, ги опфаќа сите 2.075 средни и големи компании во земјата, врз основа на податоците од базата Бизнис мрежа на Централниот регистар, како и анкета со 193 менаџери и сопственици. Жените заземаат 802 од 3.680 раководни позиции (21,8%): на секоја жена доаѓаат речиси четири мажи на раководни позиции. Кога жена ќе стигне до врвот, најчесто е сама: во седум од десет компании со жена во раководството, таа е единствената. Компаниите без ниту една жена во раководството обезбедуваат две третини од работните места и од остварените приходи.

Причината не е недостиг од квалификации. Меѓу вработените, 38,8% од жените имаат високо образование, наспроти 30,0% од мажите, а анкетата покажува дека менаџерките се подеднакво квалификувани како менаџерите, но двојно поретко имаат позиција во одбор. Сопственоста прави разлика: кога меѓу сопствениците има жена, речиси пет пати е поверојатно и во извршното раководство да има жена (45% наспроти 9%). Кога ќе се земат предвид разликите меѓу компаниите, студијата не утврди поврзаност меѓу уделот на жените во раководството и финансиските резултати.

Претставувајќи ја студијата, Ѓина Поповиќ, директорка на WOBA, се осврна на тоа што значат наодите за компаниите.

„Жените во Северна Македонија немаат недостиг од квалификации, туку им недостига место на масата каде што се носат одлуките. Компаниите кои немаат жени во своето раководство вработуваат најголем дел од работната сила во земјата, а не најдовме докази дека назначувањето на повеќе жени влијае негативно на резултатите. Прашањето веќе не е дали да се дејствува, туку како да се направи тоа“, изјави Поповиќ.

Студијата ги покажува и ограничувањата на сегашните правила. Од 26-те котирани компании што би ги опфатила Директивата на ЕУ за жени во одбори, 14 исполнуваат барем една од нејзините две цели. Сопствениците велат дека назначуваат жени поради нивните квалификации, а ниту еден не ги наведува законот, барањата од страна на банките или инвеститорите како причина. ЕИБ ги поддржа студијата и денешниот настан, како дел од соработката со WOBA за жените во раководството во регионот.

„Родовата еднаквост и економското зајакнување на жените се вградени во нашиот деловен модел. Минатата година, Групацијата ЕИБ обезбеди 3 милијарди евра поддршка за родова еднаквост и економско зајакнување на жените. Во иднина, партнерствата ќе бидат клучни, а нашата соработка со WOBA ја гледаме како важен чекор кон креирање на идните политики и програми во Северна Македонија“, изјави Бјорн Габриел, раководител на Претставништвото на ЕИБ во Северна Македонија.

Студијата се надоврзува на регионалната тркалезна маса што WOBA и ЕИБ ја организираа во Скопје во октомври 2025 година и на работната средба со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието во мај 2026 година.

„Од минатогодишната тркалезна маса, заедно со ЕИБ работиме ова прашање да го доближиме до институциите, вклучително и до Собранието. Сега имаме и национални докази. Северна Македонија има таленти; она што сè уште недостасува е законска рамка со која балансираните одбори ќе бидат правило, а не исклучок“, изјави Тања Михајловска Димитриевска, лидерка за стратешки партнерства во WOBA.

Бен Нупнау, заменик-раководител на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, ги поврза наодите со патот на земјата кон членство во ЕУ.

„Родовата рамнотежа во одборите на компаниите сега е дел од правото на ЕУ. Усогласувањето со Директивата за жени во одбори е конкретен чекор на патот на Северна Македонија кон Европската унија, а оваа студија покажува од каде да се започне“, изјави Нупнау.

Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, исто така им се обрати на учесниците.

„Еднаквиот пристап до раководните позиции е дел од модерната, конкурентна економија. Препораките од студијата ќе ги разгледаме при усогласувањето на нашето законодавство со стандардите на ЕУ“, изјави Ристески.

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини и амбасадорка на WOBA, зборуваше за улогата на Владата во создавањето услови за повеќе жени на позициите на одлучување.

„Оваа студија дава јасни насоки за креирање политики кои ќе го унапредат женското лидерство и ќе ја зајакнат економската конкурентност на регионот. Како Влада, имаме важна улога во создавањето институционални и законски предуслови за поголема застапеност на жените на позициите на одлучување. Нашата цел треба да биде родовата еднаквост да стане составен дел од современото корпоративно и институционално управување, со конкретни и мерливи резултати“, изјави министерката Божиновска.

Дијалогот за политики опфати и панел-дискусија на тема „Од истражување до реформа: што треба да се промени?“, на која учествуваа Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на Република Северна Македонија; Арлинда Хасани Синани, вицегувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија; Марија Дуковска Павловска, генерална директорка и членка на Одборот на директори на Макстил АД Скопје; и Иван Штериев, извршен директор на Македонската берза.