Европските складишта за гас се сè повеќе празни – резервите паднаа под 70 проценти

Залихите на природен гас во европските подземни складишта паднаа на помалку од 70 милијарди кубни метри, објави денес рускиот енергетски гигант „Газпром“.

Во соопштение на својот Телеграм канал, руската компанија се повикува на податоци од Гасната инфраструктура на Европа (GIE) за 21 ноември.

Разликата во зафатеноста на европските складишта за гас во споредба со истиот период минатата година изнесува 11,1 милијарди кубни метри, додава „Газпром“.

За споредба, таа разлика е приближно еквивалентна на вкупниот капацитет на сите подземни складишта за гас во Франција.

Земјите од Европската Унија интензивно ги трошат постојните резерви на гас, кои беа на многу ниско ниво дури и пред почетокот на грејната сезона, а во Холандија капацитетот за складирање веќе падна под 60 проценти.

Ниското ниво на залихи значително ја зголемува зависноста на Европа од испораките на гас од странство за време на периодот на најголема зимска потрошувачка, предупреди Газпром.