Осумдесет и пет најбогати луѓе во светот имаат богатство колку и 3,5 милијарди најсиромашни, односно половина од светската популација. Ова е податок од извештајот на организацијата Oxfam, меѓународна мрежа на хуманитарни организации кои се борат против гладот и нееднаквоста во светот.
Извештајот насловен “Работејќи за неколкумина” (Working for the Few), објавен непосредно пред одржувањето на Светскиот економски форум во Давос, се фокусира на економската нееднаквост, предизвикана од брзото зголемување на богатството на мал број најбогати, која, како што се наведува, е закана за човечкиот напредок.
“Застрашувачки е што во 21 век половина од популацијата, а тоа е 3,5 милијарди луѓе, поседува исто колку и мала екипа која би можела, без туркање, да ја собере во двокатен автобус”, изјави извршниот директор на Oxfam Вини Бјанјима за Гардијан и додаде дека не можеме да се бориме со сиромаштијата, ако не ја совладаме нееднаквоста.
“Зголемувањето на нееднаквоста создава ситуација во која богатството и моќта се сконцентрирани во рацете на малцинство, додека ние останатите треба да се бориме за ронките на масата”, вели Бјанјима.
Истражувањето покажа дека повеќето луѓе во светот веруваат дека богаташите имаат преголема моќ и влијание на насоката во која се движат нивните земји.
Во извештајот се предупредува дека мора да се спречи затајувањето на даноци, како и притисокот на капиталот врз донесувањето на политички одлуки. Oxfam наведува повеќе мерки кои би придонеле за ублажување на нееднаквоста. Некои од нив веќе се имплементираат.
Минатата година светот доби 210 нови милијардери, кои им се придружија на досегашната бројка од 1.426 луѓе чиј имот се мери во милијарди. Половина од светското богатство се наоѓа во рацете на 1% од населението.
Целиот извештај на овој линк.