Во 2014 година нови 587 вработувања за ранливите категории

29

Нови 587 лица на возраст од 50 до 59 години, лица до 29 години кои 5 години не биле вработени, како и лица кои до својата 18-та година имале статус на деца без родители ќе бидат вработени со субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка, мерка која е дел од Оперативниот план на вработување.
За 2014 година се обезбедни финансиски средства за вработување на 587 лица кои се регистрирани во Агенцијата за вработување, но потешко се вклучуваат во пазарот на труд.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, истакна дека голем број од лицата кои ќе бидат вработени се од ранливите категории.
“Осумдесетина лица се од ранливите категории како жртви на семејно насилство, поранешни корисници на дрога, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, самохрани родители, лица кои биле жртви на трговија со луѓе,” рече министерот Спасов.
Спасов појасни дека финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи категории изнесува 17.000 денари по лице, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за подготовка на лицето во работниот процес.
“За секое вработено лице се исплаќа бруто плата во износ до 13.000 денари месечно во период од 6 месеци, а работодавачот има обврска да го задржи вработениот уште најмалку една година, односно вкупно 18 месеци или на негово место да вработи друго невработено лице од истата целна група”, објасни Спасов.
Тој додаде дека работодавачот кој има вработено 10 работници има право на субвенција за вработување на најмногу 2 невработени лица, до 50 вработени 5 невработени и над 50 вработени лица има право на субвенција за вработување на најмногу 10 лица.
За лицата кои до својата 18-та година биле деца без родители и родителска грижа, во 2014 година ќе бидат отворени 20 работни места.
Програмата за субвенционирање на вработувањето се реализира во континуитет од 2007 година и досега се вработени 4.668 лица од овие категории.
Според анализите на Агенцијата за вработување, повеќе од 60% од лицата кои се вработени преку оваа мерка, остануваат на работа повеќе од предвидениот период.