Министрите за финансии на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд вчера јавно се конфронтираа околу продолжувањето на рокот на Грција за да ја среди состојбата во јавните финансии, пишуваат европските медиуми.
Министрите за финансии прифатија да и дадат на Грција дополнителни две години за исполнување на обврските од договорот за кредитирање, но повторно ја одложија одлуката за доделување на следната транша од помошта.
Претседателот на еврогрупата, Жан Клод Јункер рече дека еврозоната сака да и го продолжи рокот на Грција за две години, до 2022, да го намали својот долг на зацртани 120% БДП. И рокот за намалување на дефицитот би требало да се продолжи за две години, до 2016 година.
На заедничката прес конференција во Брисел, шефицата на ММФ Кристин Лагард сигнализираше дека не е воодушевена од продолжувањето на рокот за намалување на долгот.
“Сметаме дека вистинскиот рок е 2020 година. Очигледно нашите гледишта се разликуваат”, изјави Лагард.
За да се премостат разликите во гледиштата, закажан е уште еден состанок за 20 ноември. Двете страни мораат да се договорат за да може на Атина да и се исплати новата транша од кредитот во висина од 31,5 милијарди евра.